Планот на Пандев е да ја заврши фудбалската кариера со настап на Европското првенство, но победата над Германија широко ни ја отвора вратата за втората позиција на табелата која носи бараж за Светското првенство.
Не се важни само трите бода од мечот со Дуисбург, посебно важен е впечатокот кој го остави нашата селекција таму, перформансот кој го покажаа момците на Ангеловски им даде дополнителна самодоверба дека дојдоа до степен од својата игра кога можат да се носат со сите селекции во светот.
Таквото чувство на фудбалерите ја зголемува нивната амбиција, па по историскиот настап на Европското првенство сигурно нивната цел ќе биде пласман и на Мундијалот во Катар.
Горан Пандев во јули ќе наполни 38 годиини, но оваа сезона не покажува знаци на пад во формата, ниту во Џенова, ниту во репрезентацијата на Македонија.
Пандев има поддршка од Џенова да остана во тимот и следната сезона, тренерот Балардини на шала изјави и дека ќе го тепа Македонецот доколку одлучи да оди во пензија. Неговото искуство им е потребно и тие ќе се обидат да влијаат да го променат неговиот план.
Поголема круна за Пандев од крај на кариерата со настап на Европско првенство е да ја затвори книгата со учество на Светско првенство. Таа приказна станува возможна и веројатно ќе биде клучна за нашиот капитен да каже дека ќе биде фудбалер уште една сезона.