Рајола е агент на фудбалери како Ибрахимовиќ, Погба, Халанд, Донарума, Де Лихт… познат е по неговата умешност да добие огрормни пари од клубовите каде ги продава своите клиенти, а за фудбалерите да обезбеди најдобри можни договори.
Неговите клиенти го сакаат, бидејќи прави се за нив, но во многу клубови е омразен бидејќи тешко се преговара со него.
ФИФА сака да направи реформи кога се во прашање агентите и трансферите на фудбалери. Да наметне нов бизнис модел во фудбалот со кои ќе се ограничат сумите за провизии и трансфери. Тоа не му се допаѓа на Рајола.
„Мислам дека ФИФА не треба да постои. Мојот сон и се надевам дека ќе го видам тоа, е да видам нов фудбалски систем, поискрен систем и индустрија. Ова е стар систем“, вели Рајола.
„Кога имате скандали секоја година, тоа веќе не е коинциденција. Тоа е во вашата ДНА, тоа е бидејќи вашата организација е таква. Па се поставува прашањето, има ли смисла од постоењето на ФИФА?“.
„Не можам да прифатам една организација која има нејзини луѓе по затвори да го регулира мојот живот и мојот бизнис. Нема да го прифатам тоа“.
„Нема да прифатам тие да бидат мои шефови. Нема да прифатам да регулираат работи на начин кој не е логичен, не е искрен, кој е против моите принципи. Ќе се борам за правата на фудбалерите бидејќи тие сакаат да им ја земат моќта. И нема да го прифатам тоа, не сум го прифатил и нема да го прифатам“.