Според информациите на „Спорт1“, Никола Илиевски Џиџи наскоро ќе биде промовиран за нов тренер на Вардар, а помошници ќе му бидат поранешни вардарови фудбалери кои го носеа црвено-црниот дрес во златниот период од 2014 до 2017, Бобан Грнчаров, Никола Глигоров и Златко Таневски. Саша Илиќ ќе остане да биде тренер на голманите, а кондициски тренер ќе биде Михајло Шејкероски – Шани кој во есенскиот дел работеше во Работнички.
Мисијата да се биде конкурентен во пролетниот дел од сезоната нема да биде лесна, неколку значајни фудбалери го напуштија Вардар, тимот кој и онака беше ослабен е дополнително десеткуван но има костур околу кој треба да се гради играта. И покрај тешката финансиска ситуација, во клубот останаа искусните Дејан Блажевски, Филип Петковски, Бојан Најденов, тука е и првиот голман Филип Илиќ, продолжуваат и Стефан Лазаревиќ, Мартин Мирчевски, Виктор Велковски, младинските репрезентативци Величковиќ-Радуловиќ, Крстевски, Ѓурковски…
Никола Илиевски – Џиџи и пред осум години беше тренер на Вардар, тогаш кратко се задржа кога градот Скопје раководеше со клубот.
Во меѓувреме додека трае пролетниот дел од сезоната ќе се решава финансиската судбина на Вардар, има најава за влез на катарски капитал, но се уште не се знае дали таквите најави и ќе се реализираат.
Во изминатите денови вардаровите навивачи почнаа акција „Билет за спас на Вардар“ во обид да соберат финансиски средства за помош на клубот во овој тежок и неизвесен период.