„Марка“ доцна синоќа излезе со шпекулација дека е постигнат договор меѓу Давид Алаба и Реал Мадрид тој да се пресели во кралскиот клуб по крајот на сезоната.
Наводно Реал Мадрид и Алаба си подале рака за четиригодишен договор со плата од 11 милиони евра по сезона.
Но, уредникот на „Билд“, Кристијан Фалк преку твитер објави дека разговарал со таткото на Давид Алаба и пренесе негова изјава со која негира договор со Реал Мадрид, а кажа дека преговараат и со Барселона.
„Се уште ништо не е договорено со Реал Мадрид, нема потпис на никаков договор. И понатаму има повеќе заинтересириани екипи. Пини Захави преговара со неколку клубови, а меѓу нив е и Барселона“, изјави Џорџ Алаба за „Билд“.
И новинарот Макс Билефелд од „Скај Спортс“ кој важи за близок до агентот Пини Захави ја спомна Барселона.
„Агентот на Алаба, Пини Захави сака да ги почека претседателските избори во Барселона. Доколку победи неговиот пријател Жоан Лапорта, играчот би можел да заврши и во Барселона. Се уште нема конечна одлука, рано е, таа ќе биде донесена околу април-мај“, напиша Макс Билефелд.
Новинарот Жерар Ромеро пак смета дека Барселона нема пари за Алаба, но сето тоа може да се промени доколку од клубот си заминат неколку фудбалери.
„Барселона сега нема пари за да му понуди договор на Алаба, но доколку неколку фудбалери си заминат од клубот зошто да не. Ќе видиме што ќе се случува“, вели Ромеро.