Езгјан Алиоски во
моментов настапува во Премиерлигата и игра рамо до рамо со најдобрите
фудбалери, но Македонецот минал низ сито и решето за да стигне до ова ниво.
Во 2013, кога имал
21 година, тој бил без клуб два месеци, огромна помош во тој период добил од
семејството, па по трансферот во Лидс сакал да им се оддолжи.
„Го допрев дното
кога два месеци немав клуб, во такви моменти се плашите дека ќе згасне вашиот
детски сон. За среќа ми помогна семејството и никогаш не изгубив верба. Моите
родители во ниту еден момент не ми кажаа дека треба да се откажам од фудбалот,
постојано ми даваа поддршка, и затоа сум им многу благодарен“ – вели Алиоски.
„По трансферот во
Лидс, им купив убав автомобил. Не ги сакаа моите пари, па со нов автомобил им
покажав колку сум им благодарен“.
Минатата недела,
Езгјан Алиоски ја тресеше мрежата на Њукасл и го постигна својот прв гол во најсилното
првенство на Англија.
„Ќе го паметам вечно,
дома го однесов дресот со кој играв како сувенир. Одлично е чувството кога ќе
ми текне од каде почнав и до каде дотуркав, играм во најдоброто првенство во
светот“.
Следното лето ќе има прилика да се покаже на една друга голема сцена, со Македонија ќе игра
на Европско првенство.
„Имав две големи
желби, со Лидс да се пласираме во Премиерлигата и со Македонија да обезбедиме настап
на Европски првенство. Тоа беше најголемиот успех на Македонија. За жал не
можевме да славиме заедно со навивачите, но луѓето излегоа на улица“.