Шефот на
стручниот штаб на Манчестер јунајтед, Оле Гунар Солшер се соочува со огромен
притисок за зачувување на својата позиција во клубот, а на Островот известуваат
дека Норвежанецот во моментов е фаворит за отказ помеѓу тренерите во
Премиерлигата.
„Црвените ѓаволи“
со синоќешниот пораз кај Лајпциг во последното коло (3-2) доживеаа елиминација
во Лигата на шампионите уште во групната фаза, иако претходно ги совладаа
Германците со убедливи 5-0 на свој терен.
Сосема нормално,
притисокот врз Солшер расте од сите страни, иако претходно извршниот
потпретседател на клубот од „Олд Трафорд“, Ед Вудворд порача дека во
Норвежанецот се гледа решение за подолг рок на клупата.
Солшер во
моментов е прв фаворит за отказ помеѓу тренерите во Премиерлигата, па така „БетФер“
го смести Норвежанецот на првото место (2/1), а веднаш по него е
предводникот на Шефилд Јунајтед, Крис Вајлдер (11/4), а водечката тројка во оваа
конкуренција ја заокружува Славен Билиќ (4/1) од ВБА.
Букмејкерите на
Островот се подзанимаваа и со коефициенти околу можните наследници на Солшер на
клупата на Манчестер јунајтед, во однос на оваа тема, фаворит е екс тренерот на
Тотнем, Маурицио Покетино, а по него следат Масимилијано Алегри, Брендон Роџерс
и Томас Тухел.