Тотнем се соочи
со голем проблем на стартот од новата сезона откако на нивната програма се
најдоа осум меча во само 18 денови, а околу бурниот распоред кој секако донесе
и многу повреди во екипите изминатиов период мошне гласни се предводниците на
Манчестер Сити и Ливерпул, Пеп Гвардиола и Јирген Клоп.
Предводникот на
Тотнем, Жозе Мурињо претходно мошне јасно говореше на таа тема, но, како што и
самиот тој вели, не наидол на никаква поддршка од своите колеги-ривали во
Премиерлигата, за денес токму тие со здружени сили да се борат за промени во
распоредот на натпревари.
„Ние имавме
четири натпревари во една седмица и никој не плачеше за нас, ниту не поддржа во
тие моменти, а сега, кога ги играат овие натпревари моите колеги?“ запраша
Португалецот, додавајќи дека играњето претпладне во сабота во Премиерлигата, а
со претходно одигран меч во средата во Европа е штетен за самото првенство.
„Тоа што ми е
навистина тешко да го прифатам е фактот што четири клубови имаат еден меч
помалку од останатите, едноставно немам никаква идеја кога би ги играле тие
натпревари“ додаде Мурињо алудирајќи на фактот што веќе пет клуба во
Премиерлигата имаат заостанати натпревари, од кои Астон Вила веќе има два на
програмата.
Мурињо тврди дека
заостанатите натпревари од Премиерлигата би можеле да му наштетат на самото
првенство, но остана на ставот дека во моментите кога тој се произнесувал по
прашањето за бурниот распоред, не добил поддршка од никого.
„Од лична
перспектива, немам никаква претстава кога Барнли, Манчестер Сити, Астон Вила,
Манчестер јунајтед и Њукасл ќе ги одиграат тие натпревари, тоа е навистина
тешко да се прифати бидејќи самото натпреварување ќе трпи последици, јас се
обидов претходно да добијам одговори, бев упорен во тие намери, но не добив
никакви одговори“ заклучи предводникот на Тотнем алудирајќи на тоа дека бил
осамен во обидите да придонесе за работите да се променат на подобро за
клубовите во Премиерлигата, но, поддршка тогаш од своите колеги-ривали не
добил.