„Спорт“ пишува
дека шансите се мали да Луис Суарез се соочи на теренот против својот поранешен
клуб Барселона, од каде дојде во редовите на Атлетико Мадрид во последниот
преоден рок.
Уругвајскиот
напаѓач доби позитивен резултат на тестирањето за ковид-19 за време на
репрезентативните обврски, а отсуствуваше во поразот на својата селекција од
Бразил синоќа.
Како и да е,
Суарез се надева дека резултатот од тестирањето бил лажно позитивен, а дека
следното тестирање пред мечот со Каталонците ќе му донесе негативен резултат.
Суарез ќе биде
подложен на ново тестирање токму денеска, со што ќе се дознае дали ќе биде во
можност да се врати на тренинзите кај „Јорганџиите“ во пресрет на дербито со
Барселона.
Доколку и на
второто тестирање Суарез излезе позитивен, во еден таков случај Уругваецот би
го пропуштил и дуелот во Лигата на шампионите против Локомотив Москва идната
седмица.