Македонија во „нов лик“ против Ерменија во битка за првото место и пласман во Лига Б

by
2 минути читање

По победите над Грузија и Естонија, Македонија има уште една задача во овој термин за репрезентативен фудбал, имаме уште една клучна битка, против Ерменија за пласман во Лига Б од Лигата на нации.

Ангеловски има сериозни проблеми во составот, недостасуваат многу фудбалери, Македонија ќе има нов лик на Кипар, отсутни се Пандев, Елмас, Барди, Алиоски, Адеми, Димитриевски, Ристевски, Николов и Спировски, безмалку целиот прв тим, но оние кои ќе добијат шанса ќе го дадат максимумот за да го продолжиме позитивниот континуитет.

Проблеми имаат и Ерменците, денешните вести велат дека поради позитивни тестови на ковид-19, тие остануваат без четворица играчи, плус од претходно најавените отсуства.

Нам ни е доволен и еден бод од овој меч за да го освоиме првото место, Ерменија мора да оди на победа. Во меѓусебните мечеви со нив имаме четири победи, три порази, два натпревари завршиле нерешено. На последните две гостувања кај нив примавме по четири голови, но овој важен дуел се игра на неутрален терен, на Кипар.

Селекторот Игор Ангеловски вели дека и покрај тоа што ни е доволен бод за првото место, Македонија ќе оди на победа против Ерменија.

„Не сум тренер што калкулира, особено не да играм нерешено. Можеби тоа ми е маана. Не сум човек што се жали, и порано сме имале повредени, суспендирани и не сме се жалеле. Имаме доволно квалитет, играчите кои се тука се подготвени да покажат зошто се тука. Секој позитивен резултат не носи во Лига Б, и тоа е многу важно. Целта е прво место, да се заокружи овој циклус со победа“, вели Ангеловски.

Наш адут ќе биде позитивната атмосфера по остварувањето на главната цел, пласманот на Европското првенство, позитвниот ветар во грб кој дува во македонските фудбалери. Сите кои ќе настапат ќе сакаат да се докажат пред селекторот кој наскоро ќе почне да го крои списокот на фудбалери кои во јуни ќе ги поведе на континенталниот собир.

Фото: ФФМ – Игор Паневски

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани