И покрај големиот број на отсутни фудбалери поради ковид-19, Македонија дојде до победата над Црна Гора и со победа ги заврши квалификациите.
Резултатот го отворивме рано, уште во 13. минута со гол на Марко Ѓорѓиевски.
Во продолжението имавме уште неколку идеални шанси за гол, но Црногорците се спасуваа благодарение на одличните одбрани на нивниот голман Никола Ивезиќ.
Во 78. минута добивме пенал, најстрогата казна ја реализираше Бојан Миовски за водство на Македонија од 2-0.
На пет минути пред крајот на мечот, Никола Крстовиќ погоди за намалување на водството на 2-1 и интересен финиш, но Црногорците не успеаа да постигнат и втор гол со кој ќе се спасеа од пораз.
Квалификациите ги завршивме на второто место со вкупни 18 бодови, пет победи, три нерешени и два порази од фаворитот Шпанија, со гол разлика од 20-12. Не успеавме да се пласираме на Европското првенство, но мора да бидеме задоволни од резултатите и квалитетот на избраниците на Благоја Милевски.
Фото: ФФМ – Петр Стојановски