Македонија ја победи Естонија со 2-1, но останавме без Елмас кој нема да патува на Кипар за дуелот со Ерменија.
Елмас заработи повреда на бутниот мускул, за колку сериозна поврда станува збор ќе се знае по деталните лекарски прегледи. Ослободен од обврските е и Алиоски кој имал ситна повреда, а против Ерменија нема да може да игра ниту Кире Ристевски. А мечот ќе го пропуштат и Спировски и Николов поради жолти картони.
„Елмас се пожали на повреда на бутниот мускул и поради тоа беше заменет. Тој ќе биде подложен на детални лекарски прегледи, ќе му биде направен скен по што ќе се знае за тежината на повредата“, вели селекторот Ангеловски по мечот.
„Повреда имаше и Алиоски по што го ослободивме од обврските, за дуелот со Ерменија нема да може да патува ниту Кире Ристевски кој не може да ја напушти државата поради позитивниот тест. Ќе повикаме некои нови играчи кои дополнително ќе ги соопштиме, едниот од нив треба да биде Дарко Мицевски од Вардар“.
Селекторот е задоволен од победата над Естонија.
„Целта ни е да бидеме први во групата и да се пласираме во Лига Б, за остварување на тоа ни останува уште дуелот со Ерменија. Денеска во првите 30 минути не игравме добро, а потоа по наша грешка примивме гол. Во второто полувреме по примениот гол одигравме многу подобро, ја видовме вистинската Македонија. Најважно е што победивме, среќен сум и за Стојановски и Дориев кои добија шанса“, изјави Ангеловски.