Македонија ја оправда улогата на фаворит против Естонија, победи со 2-1 и дојде до трите посакувани бодови со кои останува на првото место на таблата пред последното коло.
Воведниот дел од натпреварот беше бавен, во првите 25 минути се играше меѓу двата шеснаесетника без обиди за гол. Конечно првото возбудување се случи во 26. минута, Николов шутираше силно од далечина, но голманот Хеин го одбрани неговиот удар, топката дојде до Тричковски кој постигна гол, но беше во офсајд.
Три минути подоцна гол за Македонија, по асистенција на Спировски, Тричковски погоди со волеј за водство на нашата репрезентација од 1-0.
Во 33. минута прекрасна асистенција на Елмас, кој со надворешниот дел од копачката упати центаршут, Тричковски биеше со глава, но голманот на Естонија одбрани.
Две минути подоцна Естонија ја имаше првата шанса, Сапинен од убава позиција се обиде да го лобува Шишковски, но го префрли и нашиот гол, топката отиде во гол аут.
По седум минути игра во второто полувреме, грешка на Велковски во одбраната, Естонците му ја одземаа топката, а Сапинен постигна убав погодок за израмнување на 1-1.
По примениот гол веднаш тргнавме во напад, многу посериозно кон голот на Естонија, почнаа да се редат шанси за ново водство.
Во 56. минута Трајковски биеше од далечина, голманот Хеин го одбрани неговиот удар. Две минути подоцна Трајковски се обиде уште еднаш од далечина, овој пат шутираше над голот.
Во 64. минута Ристовски имаше огромна шанса, шутираше со глава, но голманот на Естонија од самата линија, со крајни напори успеа да му го одбрани шутот.
Три минути подоцна нововлезениот Стојановски се обиде, но Неин го одбрани и неговиот удар. Во следниот напад Николов не погоди од идеална позиција, шутираше над голот. Беше само прашање на време кога ќе поведеме пак.
Тоа се случи во 68. минута кога по уште една супер асистенција од Елмас, Стојановски погоди со глава за водство на Македонија од 2-1.
Брзо потоа Стојановски се најде во шанса и да го зголеми водството, можеше да додаде до Несторовски, се одлучи да шутира од странична позиција но неговиот удар го одбрани голманот на Естонија.
До крајот на мечот Стојановски и Дорив имаа уште по една шанса, но не постигнавме и трет гол, казната можеше да стигне во судиското продолжение кога напаѓачот на Естонија, Аниер од идеална позиција не погоди. Конечниот резултат бше 2-1.
Во последното коло, во среда од 18 часот гостуваме кај Ерменија, меч кој ќе биде клучен за освојување на првото место во групата и пласман во дивизија погоре.