Ковид-19 ги вклучи алармите во Барселона откако Динамо Киев пријави дека имале 11 позитивни случаи на коронавирус пред да допатуваат во Шпанија.
Се работи за шест фудбалери и петмина од персоналот, помеѓу кои и помошникот на тренерот Мирчеа Луческу.
На Камп Ноу се загрижени бидејќи фудбалерите кои се позитивни вчера тренирале со преостанатиот дел од тимот, па постои можност да се заразени и дел од играчите кои ќе треба да истрчаат на терен во среда, односно тие да манифестираат симптоми во следните денови и покрај тоа што сега се негативни.
Каталонските здравствени власти, во контакт со УЕФА, побарале сите играчи на Динамо Киев утре во 10 часот да направат ПЦР тест и резултатите ќе треба да се знаат пред тренингот на Динамо Киев во 19 часот.
Ќе има нова рунда тестирања и на денот на натпреварот, па доколку се појават нови случаи, постои можност УЕФА да го одложи мечот.