Пандев: Барем да им текнеше една порака да пратат, да прашаат како е Горан, ама знам дека се зафатени со градење на терени

by
2 минути читање

Поради големиот број на заразени од ковид-19 во Џенова, неизвесно беше дали Пандев ќе може да допатува за натпреварот против Косово. Имаше информации дека никој од тимот на Џенова нема да може да го напушти карантинот, но македонскиот капитен сепак дојде до Скопје.

„Благодарам до сите што помогнаа за моето доаѓање, бидејќи знаете каква е мојата ситуација, ситуацијата во мојот клуб, благодарам до луѓето од федерацијата, од нашата амбасада во Италија, благодарам од срце“, вели Пандев.

„Една недела немам никаков тренинг, бевме затворени во тотален карантин, тоа не му го посакувам никому. На некои луѓе бар да им текнеше една порака да пратат, да прашаат како му е на Горан, ама знам дека се зафатени со градење на терени. Благодарен сум сега што можеме да играме, па се надевам со успех ќе се заборават сите тие лоши моменти“.

Пандев вели дека не е комплетно подготвен, но верува дека тој и неговите соиграчи од репрезентација утре ќе го израдуваат македонскиот народ.

„Натпреварите во репрезентативниот дрес и во клупскиот за мене не се исти. Знаеме сите што значи да го носиш репрезентативниот дрес. За мене ова е последна шанса да се пласираме на едно големо натпреварување. Сигурно дека емоции постојат, да ги немаше, немаше ни да играм, ќе се пензионирав. Уште го чувствувам тоа, желба ми е да се пласираме на ЕП. На нашиот народ му требаат радости, знаеме во какво време живееме, не само во Македонија туку во целиот свет. Ако го добиеме овој меч ќе ме направи среќен не само мене туку цела Македонија“.

„Нијанси ќе го решаваат овој натпревар, но се подготвувамеза овој натпревар како и за секој друг. Треба да влеземе со ладни глави. Да дојдеш без еден тренинг и да играш на овој натпревар сигурно нема да изостане пожртвуваноста, меѓутоа во денешно време мора да сте 100 отсто подготвен. Јас не сум 100 отсто подготвен, но селекторот ги знае моите способности. Многу се 120 минути, се надевам порано ќе заврши натпреварот“.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани