Алиоски за патот до Премиерлига: Ми кажаа дека не сум доволно добар и да се откажам… тренирав сам… бев без пари

by
2 минути читање

По 16 години
пауза, Лидс се враќа во Премиерлигата а тоа значи дека по подолго време еден
македонски фудбалер ќе игра во најсилното првенство во Европа и светот.

Езгјан Алиоски во
разговор со „Блик“ раскажа за патот кој морал да го изоди, како пред седум
години му било кажано дека не бил доволно добар да стане професионален
фудбалер, морал извесен период да тренриа со својот татко и брат, но никогаш не
се откажал од сонот и напорната работа вродила со плод.

Новинарот на
„Блик“ му посочи на Езгјан Алиоски дека на 21 година бил без клуб два месеци, и
дека пред само четири ипол години играл во втората лига на Швајцарија во дресот
на Шафхаузен а тој одговори: „Неодамна се присетив на тие денови, неверојатно“.

„Во тоа време
(2013 година) од таборот на Јанг Бојс ми кажаа дека не сум доволно добар да
станам професионален фудбалер. И тоа откако поминав 10 години во младинските
категории на Јанг Бојс. Немаше место за мене во клубот, бев разочаран и тажен.
Можеби многумина ќе направеле нешто друго во таква ситуација, но јас не се
откажав од мојот сон“.

„Тренирав на
игралиштето на Фламат со мојот татко и постариот брат, ги правев вежбите кои ги
научив во Јанг Бојс. За среќа се појави Шафхаузен и му даде шанса. Вечно ќе му
бидам благодарен на поранешниот тренер Маурицио Јакобачи. Ми даде шанса за нов
фудбалски живот“.

Платата која ја
заработувал во Шафхаузен не била доволна за нормален живот, па Езгјан Алиоски
добивал финансиска помош од семејството.

„Не можев да
живеам со парите кои ги заработував, моите родители мораа да помагаат.
Изнајмија мал апартман за мене во Шафхаузен, ми купија и мал автомобил за од
време на време да се враќам дома“.

„Дали им ги
вратив парите? Не е толку едноставно (вeли со насмевка на лицето). Моите
родители не сакаат да земаaт пари од мене. Двајцата работат, исто и мојот брат.
Тие се многу скромни и не сакаат да бидат во центарот на вниманието. Пред
некоја година му купив убав автомобил на мојот татко“.

„Мојот татко е
горд на успехот кој го постигнав, знае низ што поминав и колку ми беше тешко
тогаш. Колку само се боревме за повторно да имам клуб. Мојата мајка е прилично
емоционална, имаше солзи во очите по обезбедената промоција во Премиерлигата“.

„Малото момче од
Фламат, кое беше избркано од Јанг Бојс сега ќе игра во Премиерлигата. Звучи
како приказна од бајките?“
– прашува новинарот.

„Звучи како добар
наслов за ова интервју“
– додава Алиоски со насмевка. „Фламат останува мојот
дома. Би сакал да се вратам таму еден ден. Моето семејство се уште живее таму.
Во ФК Фламат почнав да играм фудбал како дете. Мојата приказна малку е луда“.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×