Шефот на
стручниот штаб на Арсенал, Микел Артета е убеден дека Пјер-Емерик Обамејанг ќе
потпише нов договор со клубот, и покрај фактот што за Габонецот постои интерес
од неколку европски гиганти, меѓу кои и Барселона како главен кандидат за неговиот потпис.
30 годишниот
Обамејанг е мошне важен во составот на „Топчиите“, сезонава на 26 настапи успеа
да запише 17 погодоци, како и една асистенција, оставајќи каква-таква надеж
Арсенал да избори место во Лигата на шампионите за идната сезона.
„Со Обамејанг
имавме многу разговори, исто и со неговото семејство и агентот, јас имам
позитивно мислење на ова тема дека би можеле да најдеме согласност за сите
страни“ вели Артета.
„Наша одговорност
е да направиме да се чувствува дека ова е вистинскиот чекор напред во неговата
кариера, а за тоа треба да сториме тоа што тој го бара за да биде вреднуван“
додава Шпанецот навестувајќи дека Обамејанг ќе ја продолжи соработката со
клубот која според моменталниот договор му истекува идното лето.
„Јас мислам дека
тој треба да чувствува дека припаѓа на нас, а истовремено и дека нам ни е
потребен, потоа тој навистина треба да верува дека ние сакаме клубов да го
кренеме на едно повисоко ниво, а за таа намера да ја оствариме, тој би бил
важен играч во тимот“ заклучи шпанскиот фудбалски стратег од клупата на
Арсенал.
Претходно, самиот
Обамејанг наведе дека Арсенал го има одговорот по прашањето за неговата иднина,
Габонецот додаде и дека клубот добро ги знае причините зошто ништо не се
променило во однос на преговорите за нов договор, меѓутоа сосема е јасна
неговата желба да игра во Лигата на шампионите.