„Црвените“ подолго време се поврзуваат со Тимо Вернер, се говореше дека Јирген Клоп лично во неколку наврати му се јавил на својот сонародник и го убедувал да го избере Енфилд, но последните гласини велат дека напаѓачот е пред трансфер во редовите на Челси, „сините“ ќе ја активираат неговата откупна клаузула од 60 милиони евра.
Јирген Клоп се интересира за уште еден свој сонародник, кој е мета на речиси сите гиганти ширум Европа, Каи Хаверц. Но очигледно и тој нема да биде на дофат, тренерот на Ливерпул сугерира дека тие ќе немаат доволно финансии поради кризата од пандемијата на коронавирус.
„Има многу фудбалери на планетава кои се навистина добри. Тимо Вернер е одличен играч, Каи Хаверц е одличен играч“ – вели Клоп во разговор со Скај Германија.
„Но треба да се поклопат сите коцки. Пред шест, седум недели не знаевме дали повторно ќе играме фудбал оваа сезона“.
„Во Англија има многу шпекулации за тоа кого Манчестер јунајтед ќе купи, или кого Челси ќе ангажира. Во моментов, во Ливерпул е прилично мирно на ова поле“.
„Ако саката да бидете сериозни, нормално да водите бизнис и да зависите од приходите… ние во моментов немаме поим колку ќе заработиме, ова се должи на тоа што не знаеме кога ќе можеме повторно да играме пред публика“.
„Во моментов, сите клубови губат пари. Без навивачи, треба да враќаме пари на оние кои имаат купено сезонски билети и веројатно нема да продадеме ништо за следната сезона. Во најдобар случај, нема да продадеме билети за првите 10 или 15 натпревари. ВИП ложите нема да бидат полни, ова ќе има влијание и на нашите партнери, па работите ќе изгледаат сосема поинаку“.
„Бараме од играчите да се откажат од платите за да го преживееме овој период, па како да објасниме дека ќе платиме 50-60 милиони за одреден фудбалер?“