Откако во вторникот ја доби дерби пресметката со Борусија Дортмунд и направи значаен исчекор кон нова титула, вечерва Баерн имаше лесен тренинг против Фортуна Дизелдорф.
Избраниците на Флик славеа со убедливи 5-0 и сега се на +10 на врвот на табелата.
Домаќините поведоа во 15. минута со автоголот на Јоргенсен, Павар ја дуплираше предноста по половина час игра, а пред крајот на првиот дел Левандовски реализираше за 3-0.
Овој погодок на Полјакот му беше особено драг, тој до сега на пет меча против Фортуна немаше постигнато гол, па сега може да се пофали дека ги тресел мрежите на сите 18 екипи кои оваа сезона се дел од Бундеслигата (Против Баерн има постигнато гол во дресот на Борусија Дортмунд).
На стартот од вториот дел, Левандовски погоди по втор пат за 4-0, а 120 секунди подоцна, Алфонсо Дејвис го постави конечниот резултат.