Англиските медиуми дознаваат дека на состанокот на УЕФА со нејзините членки, е договорено дека ако првенствата не успеат да завршат поради состојбата со коронавирусот, патниците во Европа за следната сезона ќе бидат одредени според моменталната табела.
Главниот уредник на „Тајмс“, Мартин Циглер вели дека во оние лиги каде што некои екипи имаат одиграно различен број на натпревари, ќе биде изваден просек од освоени бодови по натпревар и така ќе се креира актуелната табела.
Во случај сезоната да биде прекината, УЕФА ќе остави на домашните федерации да одлучат дали ќе прогласат шампион или не. Европската куќа на фудбалот според табелата само ќе одреди кои екипи и во кои европски натпреварувања ќе учествуваат.
Тоа значи дека ако не се доигра македонското првенство, Вардар ќе игра во квалификациите за Лигата на шампионите, а Силекс и Шкендија во Лига Европа.
Се очекува во наредните денови УЕФА и официјално да ја потврди оваа информација.