Рајо Валјекано не
успеа да избори опстанок во најсилната шпанска фудбалска конкуренција, меѓутоа
македонскиот голман Столе Димитриевски најверојатно ќе стави потпис на нов договор со тој клуб кој
сигурно ќе сака брзо да се врати во елитата на Шпанија.
„Како што дознава
„Марка“, Столе Димитриевски ќе ја продолжи соработката со клубот до 2023.
година и покрај тоа што тој имаше понуди од првата лига, како и од странство.
Голманот имаше опција да си замине и да направи трансфер, меѓутоа одлучи да остане
во таа екипа“ пишува „Марка“.
„Дими, како што
го нарекуваат во соблекувалната, веќе одлично се адаптираше во Мадрид, што
воедно е клучот во целата негова одлука, Македонецот пристигна во соседството
на Мадрид ланското лето и му беше потребен краток период за да стане миленик на
фановите“ додава „Марка“.
Весникот пишува
дека Валенсија, Севилја и Бетис биле силно заинтересирани за потписот на
Димитриевски, меѓутоа последни кои притискале до крајот во своите обиди биле Еспањол и Мајорка.
Рајо Валјекано
уште во јануари ја активираше опцијата да го откупи договорот на 25 годишниот
голман со Гимнастик, тоа го чинеше клубот околу 900,000 евра, а тој возврати со
одлични партии во Примера кои за жал не беа доволни тимот да опстане во
елитното друштво на Шпанија.