По долги години
пауза, Интер во 2010 седна на тронот на Европа откако во финалето го совлада
Баерн Минхен со 2-0. Но веројатно најголемиот предизвик таа сезона беше
двомечот со Барселона, актуелниот шампион, во полуфиналето.
На првиот меч,
„нероаѕурите“ направија кам-бек, и откако губеа со 0-1, на крајот славеа со 3-1
во Милано. На реваншот на „Камп Ноу“, повеќе од еден час играа со играч помалку
и одолеваа се до финишот на натпреварот кога Пике го постигна единствениот гол,
кој сепак не беше доволен за „каталонците“ да избегнат елиминација.
Жозе Мурињо сега
открива како ги мотивирал играчите на Интер и вели дека Барса немала да стори
ништо дури и да играле уште пет часа.
„Говорот кој им
го одржав дојде директно од моето срце. Кога ја освоив мојата прва титула во
Лигата на шампионите, мојот син беше мал и не го памети тој успех. Таа сезона,
ми кажа дека сака да освојам нова титула во Лигата на шампионите за да ја
памети вечно. Разговарав со играчите за ова, им кажав што ќе зборуваат нивните
деца, им кажав дека за многумина ова е последна шанса за триумф во Лигата на
шампионите. Во тимот владееше чувство дека Барса нема да победи дури и да
играме уште пет часа“ – кажа Португалецот во разговор за „ДАЗН“.
Непосредно пред
почетокот на таа сезона, Златан Ибрахимовиќ го напушти Интер токму за преселба
во Барселона. Швеѓанецот имаше желба да ја освои Лигата на шампионите и сметаше
дека на Камп Ноу ќе има далеку поголеми шанси.
„Бевме во
соблекувалната кога ја примивме веста за трансферот на Ибра, и тој, одлично
момче со голема самодоверба, ни кажа дека сака да ја освои Лигата на шампионите
и затоа си оди. Во тој момент, јас спонтано му кажав дека можеби Интер ќе ја
освои. Тимот го трансформираше стравот од губење на голем фудбалер како Ибра во
цел, да се забележи успех без него“.