„Кралевите“ летоска ќе прават реконструкција на тимот, се поврзуваат со голем број имиња, а често се пишува и за кого се одбројани деновите на „Сантијаго Бернабеу“.
Пред неколку дена се појавија стории кои велеа дека Зинедин Зидан веќе прешкртал пет имиња и тој не смета на Герет Бејл, Мариано Диаз, Дани Себаљос, Маркос Љоренте и Брахим Диаз.
Но тие не се единствените на кои им виси иднината, според „Диарио гол“, Серхио Рамос имал состанок со Флорентино Перез на кој капитенот кажал што мисли и дал предлози за настапот на трансфер пазарот.
Наводно Шпанецот смета дека од клубот треба да „летаат“ уште неколку играчи. Во одбраната не треба да има место за Рафаел Варан, кој повеќе не е фокусиран на Реал и Марсело, кој во мислите го има Јувентус и неговиот пријател Роналдо.
Во средниот ред, Серхио Рамос има сомнежи за Касемиро, и верува дека Модриќ и Крос повеќе не можат да играат заедно, па еден од нив треба да си оди.
Дефанзивецот исто така има и идеи за играчите кои треба да пристигнат. Тој мисли дека Килијан Мбапе треба да го засили нападот, а не Лука Јовиќ или Мауро Икарди.
Серхио Рамос дава зелено светло за ангажман на Еден Азар, но другите играчи кои се на списокот со желби на Зидан, како Садио Мане и Пол Погба, не му се по мерак.
Го бара Кристијан Ериксен како засилување за средниот ред и Давид Алаба за левата бековска позиција.