Кардиф денеска на
домашен терен го пречекува претендентот за титулата во најсилниот англиски
фудбалски шампионат, Ливерпул, кој едноставно нема право на кикс во дуелот
против екипата која грчевито се бори за опстанок во Премиерлигата.
Колку што нема
право на кикс гостинот, толку домаќинот очајно му се потребни бодови денеска, а
од таму имаше доста агресивни коментари, и тоа од шефот на стручниот штаб на
таа екипа, Неил Ворнок, кој ќе има можност за слатка одмазда кон тимот од
Енфилд.
„За мене, тоа е
срам, недостаток на класа“ рече Ворнок во јануари алудирајќи на ветувањето од
Ливерпул дека ќе го добие Натаниел Клајн на позајмица, но, наместо тоа, 28
годишниот бек беше испратен на позајмица во Борнмут, каде е во моментов.
„Многу се разочарав,
добро го познавам фудбалерот и сигурно за него ќе имаше место во тимот, не сум
разочаран од Клајн, туку од Ливерпул, не ми одговараа на повиците, не ми кажаа
зошто се случи ова“ додаде тогаш шефот на стручниот штаб на Кардиф.
„Веста дека ќе
отиде во Борнмут ја видов на ТВ, направив се’ што можев добро во овој случај и тие ми ветија
дека ќе биде мој фудбалер во текот на седмицата, тоа е срам и недостаток на
класа“ заклучи тогаш Варнок.
Кардиф на табелата
заостанува три бода зад Брајтон кој се наоѓа на позиција вон опасната зона,
воедно само Кардиф од сите три последнопласирани екипи има се уште шанси за
опстанок, за Ливерпул е јасно дека има меч повеќе во однос на Манчестер Сити, а
во моментов е со бод негатива зад Граѓаните кои по победата над Тотенхем вчера
го презедоа лидерското место.