Смешен пенал за Јуве и поништен гол за Сампдорија во 92. минута, „Бјанконерите“ до нова победа (ВИДЕО)

by
2 минути читање

Домаќините
одлично го започнаа мечот и поведоа веќе во 2. минута. Кристијано Роналдо доби
долга топка на работ од шеснасетникот, самиот си направи простор и биеше
прецизно во долниот агол за 1-0.

Сампдорија се
врати во игра откако Џан неспретно реагираше по еден корнер. Германецот лошо го
темпираше својот скок и ја удри топката со лакт наместо со глава иако тешко е да се каже дали имаше намера во неговата игра. Судијата во прв
момент не го забележа ова, но ги прегледа снимките со ВАР и покажа на белата
точка. Кваљарела ја превзеде одговорноста и донесе 1-1  во 33. минута.

На стартот од
вториот дел, двете екипи имаа изгледни шанси за нов гол, но Перин и особено
Аудеро беа на висината на задачата.

Но гостинскиот
голман не можеше да стори ништо кога по еден смешен пенал, Роналдо ја намести
топката на белата точка. По еден корнер од десната страна, Ферари играше со рака,
а судијата без мислење веднаш досуди најстрога казна и покрај тоа што раката на
дефанзивецот беше прилепена до телото, тој воопшто не тргна кон топката, и
всушност топката го погоди во рака од непосредна близина откако играчите кои
беа пред него ја промашија.

ВАР беше одново
повикан, судијата се консултираше со видео технологијата и имаше прилика
поубаво да види што се случуваше, но не ја преиначи одлуката и повторно покажа на белата точка. Роналдо биеше
силно по средината за 2-1 и најави нова победа за „Старата Дама“, но во
последните мигови се случи нова драма.

Сапонара
прекрасно погоди во аголот од работ на шеснаесетникот за 2-2. Сепак ВАР одново
стапи на сцена и судијата го поништи голот поради тоа што на почетокот од
акцијата, токму Сапонара беше во недозволена позиција.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани