На само 19 години, Ламин Јамал неодамна го освои третото место во трката за „Златната топка“, која на крајот заврши во рацете на Хари Кејн. Сепак, со оглед на начинот на кој фудбалерот на Барселона ја започна новата сезона, воопшто не би било изненадување доколку следната година престижното признание заврши токму кај него.
Шпанскиот тинејџер повторно беше во центарот на вниманието во дресот на Барселона, која вчера убедливо го декласира Алавес. Јамал на тој натпревар постигна два гола и забележа една асистенција.
Со тоа, фантастичниот фудбалер стигна до неверојатен учинок за овој дел од сезоната, 12 погодоци и 11 асистенции на само 14 натпревари во сите конкуренции.
За каков подвиг станува збор најдобро говори податокот дека последниот фудбалер од шпанската Примера кој имал двоцифрен број голови и асистенции пред 1 ноември бил Лионел Меси, и тоа во сезоната 2011/12, која според многумина е најдобрата во неговата кариера.
Легендарниот Аргентинец тогаш, на 24-годишна возраст, ја заврши сезоната со неверојатни 73 голови и дури 30 асистенции во сите натпреварувања.
Споредбите меѓу Јамал и Меси веќе со години се неизбежни, а доколку шпанскиот репрезентативец продолжи со вакви настапи до крајот на сезоната, би можел на само 19 години да го повтори учинокот од најдобрата сезона на, според многумина, најдобриот фудбалер на сите времиња.