Вториот гол на Силекс со Шкендија (А) е „чист“, потврди судиската комисија

by Стефан
1 минути читање

Силекс славеше со 2-0 против Шкендија Арачиново, но вториот гол на кратовци предизвика спорна ситуација. Сега со официјално објаснување се огласи и Фудбалската федерација на Македонија од каде што потврдија дека погодокот на Хасукиќ бил правилно признат.

Спорниот момент се случи во 54. минута, кога Силекс ја затресе мрежата по вторпат. Помошниот судија веднаш сигнализираше офсајд, по што ситуацијата беше ставена под лупа на ВАР-собата.

По деталната проверка, вклучително и исцртувањето офсајд-линии, беше утврдено дека фудбалерот на Силекс не бил во недозволена позиција. Главниот судија ја промени првичната одлука, а голот остана да важи.

Од ФФМ објаснија дека станувало збор за исклучително тесна офсајд-ситуација, поради што била неопходна детална анализа според ВАР-протоколот.

„ВАР-судиите започнаа проверка на ситуацијата во согласност со ВАР-протоколот. Со оглед на тоа што стануваше збор за исклучително тесна офсајд-ситуација, беше спроведена детална проверка, вклучително и исцртување офсајд-линии. По завршувањето на проверката, врз основа на исцртаните офсајд-линии, ВАР-судиите утврдија дека нема офсајд-прекршок и му ја соопштија фактичката одлука на главниот судија. По интервенцијата на ВАР, првичната одлука на теренот беше променета, а голот на домашната екипа беше правилно признаен“, информираа од ФФМ.

Освен за спорниот момент, комисијата се осврна и на останатиот дел од натпреварот. Според оценката на ФФМ, судискиот тим ја одработил задачата сосема добро.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×