Хасукиќ херој за Силекс, Шкендија Арачиново немоќна во Кратово

by Стефан
1 минути читање

Фудбалерите на Силекс со триумф од 2-0 над Шкендија Арачиново го отворија 11. коло во Првата македонска фудбалска лига. Кратовчани на домашен терен ги освоија трите бода, а најзаслужен за победата беше Есмир Хасукиќ, кој ги постигна двата гола на натпреварот.

Домашниот состав во најголемиот дел од средбата беше подобар противник, иако дуелот не понуди многу изразени шанси. Силекс рано го најави посакуваниот исход, откако Хасукиќ уште во третата минута ја затресе мрежата на голманот Столевски и донесе предност за кратовчани. Раниот погодок му овозможи на Силекс помирно да го продолжи натпреварот, а до крајот на првото полувреме резултатот не се менуваше. Вториот дел започна идеално за домаќините. По само седум минути игра, Хасукиќ повторно се запиша меѓу стрелците и ја удвои предноста на својот тим, поставувајќи го конечниот резултат од 2-0.

Во продолжението Силекс рутински ја контролираше предноста. Гостите од Арачиново во неколку наврати се обидоа да ја загрозат домашната одбрана, но голманот Џеков и неговите соиграчи не дозволија топката да заврши во нивната мрежа. Со оваа победа, Силекс ја продолжи позитивната серија и стигна до вториот триумф по ред. Кратовчани сега имаат 16 бода и ја минаа Шкендија Арачиново на табелата, која остана на 14 бода по четвртиот последователен натпревар без победа.

Во следното коло Силекс ќе гостува кај последнопласираниот Скопје, каде што ќе има можност да ја продолжи победничката серија. Шкендија Арачиново, пак, ќе се обиде да ја прекине резултатската криза на домашен терен против Тиквеш.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×