Протестите го одложија француското дерби: ПСЖ сега ќе игра во ист термин со „Златната топка“

by Стефан
1 минути читање

Натпреварот меѓу Пари Сен Жермен и Лион од осмото коло во француската Лига 1 нема да се одигра во планираниот термин во недела. Француската фудбалска лига одлучи дуелот на „Паркот на принцовите“ да биде презакажан за понеделник, 26 октомври, со почеток во 20:30 часот.

Причината за промената е безбедносна, односно ангажманот на полицијата во Париз поради најавените масовни протести. Новиот термин бил договорен со Лигата и телевизискиот партнер кој го пренесува натпреварот.

За претстојниот викенд низ Франција се најавени протести поради растот на трошоците за живот, што создава дополнителни предизвици за безбедносните служби. Претходно, на навивачите на Лион им беше забрането да патуваат во Париз, со цел да се намали потребниот број полицајци за обезбедување на стадионот и околината.

Според француските медиуми, двата клуба се залагале натпреварот да се одигра според првичниот распоред, но на крајот морале да се согласат со одлуката за промена на терминот.

Новата дата носи и дополнителна неизвесност за парискиот клуб, бидејќи натпреварот се поклопува со церемонијата за доделување на „Златната топка“. Поради тоа, ПСЖ би можел да биде без дел од своите фудбалери кои се номинирани за престижното индивидуално признание.

Ова не е првпат парискиот тим да се соочи со слична ситуација. Минатата година, дуелот со Марсеј беше презакажан за понеделник поради лошите временски услови, а токму истата вечер Усман Дембеле ја освои „Златната топка“.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×