Последниот натпревар од 10. коло во Првата македонска фудбалска лига, меѓу Арсими и Тиквеш, одигран во Гостивар, заврши без победник (1-1).
Двете екипи ги постигнаа головите во завршницата на првото полувреме. Домашниот тим во 24. минута ја затресе гостинската мрежа, но погодокот беше поништен по интервенција на ВАР. Сепак, во 38. минута немаше дилеми, Лорик Каба стрелаше за Арсими и донесе водство за домашниот состав.
Тиквеш брзо се обиде да возврати, па притисокот на гостите вроди со плод во третата минута од судиското продолжение. Сила со одличен удар од далечина го совлада голманот Силјановски и донесе израмнување за кавадарчани.
Со овој погодок, Сила стигна до бројката од осум гола сезонава и самостојно се искачи на врвот на листата на најдобрите стрелци во лигата. Зад него е фудбалерот на Вардар, Закариќ, кој досега има седум погодоци.
Во второто полувреме темпото на играта беше посмирено, а двете екипи повеќе внимание посветија на дефанзивните задачи. Тоа резултираше со отсуство на нови погодоци, па конечниот резултат остана 1-1.
На табелата Тиквеш сега има 17 бода и се наоѓа зад Вардар и Струга, кои имаат по 20, додека лидер е Шкендија со 23 бода. Арсими, пак, останува на осмата позиција со 10 бода, исто колку што има и Брегалница.