Вардар забележа значајна победа на гостувањето кај Брегалница, откако во натпреварот од 10. коло славеше со минимални 1-0. Херој на „црвено-црните“ беше Бобан Николов, кој со погодокот против својот поранешен клуб ги донесе трите бода за актуелниот шампион.
Николов, кој ги направи првите фудбалски чекори токму во Брегалница, денеска се најде на спротивната страна и го одлучи победникот на дуелот во Штип. Клучниот момент се случи во 24. минута, кога штипјанецот најдобро се снајде во противничкиот шеснаесетник и ја затресе мрежата на домаќините.
Брегалница во продолжението се обиде да стигне до израмнување и создаде неколку можности, но Вардар успеа да ја зачува предноста до последниот судиски свиреж. Иако гостите не одиграа на највисоко ниво, погодокот на Николов се покажа како доволен за освојување на трите бода.
Со оваа победа, Вардар стигна до 20 бода, исто колку што имаат и Шкендија и Струга, па трката на врвот продолжува со неизвесен расплет. Струга претходно денеска славеше против Шкендија Арачиново, додека Шкендија својот натпревар од ова коло ќе го одигра утре, кога ќе се соочи со последнопласираниот Скопје.