Струга ги освои бодовите со арачиновци и се искачи на врвот!

by Стефан
1 минути читање

Струга во првиот натпревар од 10. коло во ПМФЛ со кое почнува вториот круг ја совлада Шкендија Арачиново на гости со 2-0.

Стружани по неочекуваниот пораз од Башкими во минатото коло, покажаа дека имаат квалитет за највисок пласман, контролирајќи го натпреварот во најголем дел од времето. Фаворитот ја оправда својата улога и на крајот заслужено ги освои трите бода, со кои привремено се искачи на лидерската позиција на табелата.

Струга го најави триумфот уште во деветтата минута, кога Бојку ја затресе мрежата на домашниот тим за водство од 1-0. По раното отворање на резултатот, гостите продолжија да создаваат шанси, а една од нив во 26. минута донесе и клучен момент на натпреварот. Дефанзивецот на Шкендија Арачиново, Мартин Тодоров, направи прекршок за најстрога казна. Главниот судија првично не реагираше, но по интервенцијата на ВАР ја промени одлуката, досуди пенал и му покажа црвен картон на домашниот фудбалер.

Од белата точка сигурен беше искусниот Марјан Радески, кој ја удвои предноста на Струга и практично го реши прашањето околу победникот. Со играч повеќе и предност од два гола, стружани рутински го приведоа натпреварот до крајот и впишаа важни три бода.

На табелата Струга сега има 20 бодови и се искачи на првото место на табелата, со ист број бодови како и тетовска Шкендија, која утре го игра својот натпревар од ова коло против последнопласираниот Скопје. Во трката за врвот останува и Вардар, кој има 17 бодови и денеска го очекува гостување кај Брегалница во Штип.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×