„Топчиите“ најавија кратење на трошоците и покрај рекордните приходи од 691 милион фунти, а одлуката доаѓа само неколку дена по потпишувањето на новиот договор со шпанскиот стратег.
Арсенал планира да укине околу 60 работни места во рамките на новиот план за намалување на трошоците, потег што предизвика големо внимание во англиската јавност. Особено поради фактот што лондонскиот клуб се наоѓа меѓу водечките екипи во англискиот фудбал, а најавата доаѓа само неколку дена по потпишувањето на новиот договор со менаџерот Микел Артета, кој според медиумските информации ќе заработува значително повеќе.
Според британските медиуми, вработените биле известени за планираните промени во средата, а информацијата им ја соопштил извршниот директор Ричард Гарлик. Реструктурирањето главно ќе ги опфати позициите што не се директно поврзани со подготовката и настапите на теренот.
Од промените, според извештаите, ќе бидат поштедени стручните тимови на машкиот и женскиот прв тим, академијата, фондацијата на клубот, активностите во заедницата и безбедносните служби.
Главната причина за ваквиот потег е финансискиот притисок и потребата од поголема контрола на расходите. Иако Арсенал пријавил рекордни приходи од 691 милион фунти, оперативните трошоци во финансиската година 2024/25 достигнале 201 милион фунти, наспроти 148 милиони фунти во претходниот период.
Така, додека Арсенал се обидува да ги намали оперативните трошоци преку укинување на десетици работни места, клубот истовремено инвестира во долгорочната иднина на својот менаџер. Токму овој контраст ја направи најавата една од темите за кои најмногу се зборува во англискиот фудбал.ост.