Крсте Крстев веќе не е тренер на Осогово, тој реши да поднесе оставка по лошиот старт на новата сезона во Втората македонска фудбалска лига (ВМФЛ)
По седум одиграни кола, Осогово е претпоследен на табелата со само три освоени бодови и без ниту една победа.
Кочанскиот тим беше вистински хит во минатата сезона, се најде веднаш зад екипите кои се бореа за влез во Првата лига, но во летната пауза од клубот заминаа дури 14 фудбалери, не беа најдени соодветни замени, а тоа се одрази на резултатите.
Крстев знае дека со овој тим кој го има на располагање не може да прави чуда, па поднесе неотповиклива оставка.
„По две години посветена работа, одговорност и борба за клубот, донесов одлука да поднесам неотповиклива оставка од функцијата шеф на стручниот штаб.
Пред две години, кога клубот се наоѓаше пред колапс, се нафатив да ја преземам одговорноста во еден од најтешките моменти. Со многу работа, верба, пожртвуваност и заедништво успеавме да го стабилизираме клубот, а минатата сезона да бидеме вистински хит и пријатно изненадување.
Оваа сезона, по заминувањето на 14 фудбалери и соочени со скромен буџет, останавме со квалитативно тенок ростер. И покрај сите предизвици, продолживме да се бориме и во првите седум кола да му пружиме достоен отпор на секој противник, покажувајќи дека срцето, карактерот и желбата можат да надоместат многу од она што ни недостасува во играчкиот кадар.
Сепак, фудбалот не ги вреднува само борбеноста и вложениот труд, туку и резултатите. Од морални причини и од чувство на лична одговорност кон клубот, сметам дека е време да се повлечам.
Оваа одлука не е донесена лесно, ниту е резултат на недостаток на верба во клубот или во фудбалерите. Напротив, ја донесувам со чиста совест, знаејќи колку вложивме, низ што поминавме и колку труд беше потребен за клубот да застане на нозе.
Од работ на колапс, создадовме стабилност и испишавме една убава фудбалска приказна. На тоа сум горд и никогаш нема да го заборавам.
Им благодарам на сите фудбалери, членовите на стручниот штаб, управата и навивачите за соработката, поддршката и заедничките моменти. На клубот му посакувам многу успеси, стабилност и враќање на патот кон победите.
Заминувањето од функцијата не значи дека престанува почитта кон клубот. Некои одлуки се тешки, но понекогаш моралот, принципите и личната одговорност се поважни од функцијата.
Оставката е неотповиклива.
Со почит, Крсте Крстев“, ГФК Осогово ја објави оставката на тренерот и му се заблагодари.