Македонскиот интернационален фудбалски судија Игор Стојчевски преку социјалните мрежи соопшти дека се повлекува од судењето, наведувајќи ги притисоците со кои се соочува во изминатиот период како главна причина за ваквата одлука.
Судијата во својата објава откри дека веќе ги информирал претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, претседателот на судиската организација и комесарот за делегирање за одлуката да стави крај на својата судиска кариера.
„Ги информирав претседателот на ФФМ и претседателот на судиската организација, како и комесарот за делегирање дека немам намера повеќе да судам. Сакам да бидам со моето семејство во овие тешки фамилијарни времиња и не сакам да дозволам да страдаат моите најблиски со невистини и манипулации што се шират во јавноста од осудувани криминалци“, напиша Стојчевски.
Стојчевски во април годинава доби значајно признание, откако беше избран за учесник во новото издание на програмата на УЕФА за таленти и менторство за актуелната сезона. Останува да се види дали неговата одлука за повлекување ќе биде конечна.