Селекторот Гоце Седлоски денеска се обрати до јавноста по објавувањето на списокот за натпреварите во Лигата на нации, зборувајќи за очекувањата од претстојните дуели, но и за неколкумина репрезентативци.
Македонија ја очекува згуснат распоред со четири натпревари во краток временски период, нешто што, како што истакна Седлоски, досега не му се случило во кариерата.
„Може да очекуваме добра игра, борба на секој меч, залагање имаксимална концентрација на секој дуел. Јас никогаш не сум играл толку натпревари за толку краток период, затоа и повикав 28 натпревари, но да одиме по ред, прво да мислиме на Швајцарија“, истакна селекторот.
Матеј Гаштаров е еден од четворицата дебитанти кои добија повик во националниот тим. Младиот фудбалер во изминатиот период имаше одлични настапи во дресот на Црвена звезда, а Седлоски откри каде би можел да го користи во репрезентацијата.
„Гаштаров го гледам во среден ред, може да одговори на неколку позиции. Имаме неколку тренинзи и ќе видиме кој на која позиција ќе игра. Ќе направиме една компактна репрезентација, спои на искуство и младост. Соседите се обидувале да го добијат Гаштаров, но јас имав разговор со него во кој тој ми кажа дека со душа чека да игра за Македонија. Очекувам тој да се појави на собирот во понеделник“.
Седлоски зборуваше и за Милан Илоски, кој бил разгледуван како опција за репрезентацијата. Сепак, напаѓачот во разговорите како приоритет ги посочил клупските обврски, а до овој момент не доставил конечен одговор.
„Со Илоски е разговарано и пред мечот до Данска и потоа. Николче Новески беше во контакт со него. Во првиот разговор тој рече дека имал важни клупски обврски, во вториот дека ќе размисли па ќе каже. Но, уште немаме одговор. Нема никој да молиме да игра за Македонија“, порача Седлоски.