Младиот македонски фудбалер Матеј Гаштаров во изминатиот период се најде во центарот на вниманието на српската фудбалска јавност. Причина за тоа е неговиот одличен настап на дербито против Партизан, по кое доби највисоки оценки, но и интересот од Фудбалскиот сојуз на Србија.
Од Србија веќе пристигнуваат најави дека сакаат да го убедат Гаштаров во иднина да го избере српскиот наместо македонскиот репрезентативен дрес.
На оваа тема зборуваше директорот за стратегија и развој на Фудбалскиот сојуз на Србија, Марко Стојиќ, во подкастот „2×45“ на „Моцартспорт“.
„Ќе видиме, ќе направиме сè што можеме. Ќе се обидеме“, кратко одговори Стојиќ на прашањето дали српскиот сојуз ќе се обиде да го привлече македонскиот фудбалер.
Сепак, во моментов ситуацијата е во корист на Македонија. Селекторот Гоце Седлоски веќе потврди дека Гаштаров добил повик за сениорската репрезентација за претстојните натпревари во Лигата на нации.
Доколку биде во составот, 26 септември би можел да биде посебен датум за Гаштаров, бидејќи Македонија во Скопје ќе се соочи со Швајцарија, а токму на тој натпревар фудбалерот би можел да го запише своето сениорско деби.
Стојиќ во подкастот говореше и за квалитетите на Гаштаров, нагласувајќи дека неговиот профил совршено одговара на позицијата дефанзивен играч за врска.
„Тој има совршен профил за дефанзивен играч за врска. Виток е, има добра висина, главата му е горе, го гледа теренот и не прави грешки. Навреме се информира и навреме носи одлуки“, рече Стојиќ.
Според него, најголемата предност на Гаштаров е неговата способност брзо да ја чита играта и да носи правилни одлуки без непотребни потези.
„Нема тука многу филозофија: брза информација, обработка и точна одлука. Не му треба потег повеќе, не треба да игра како „десетка“. Така играше вчера и веднаш се виде разликата“, додаде Стојиќ.