Ренџерс на Бојан Миовски доживеа елиминација од европските натпреварувања, откако шкотскиот тим вечерва загуби од Јаблонец по изведувањето пенали.
Ренџерс славеше со минимални 1-0 на првиот натпревар, но Јаблонец возврати со идентичен резултат на домашен терен и го одведе двомечот во продолженија, а потоа и во пенал-серија.
Во рулетот од белата точка повеќе среќа и концентрација имаа домаќините, кои славеа со 4-3 и обезбедија пласман во лигашката фаза од Конференциската лига.
Македонскиот репрезентативец Бојан Миовски во игра влезе дури во продолженијата и беше прецизен во втората серија од пеналите, но неговиот погодок не беше доволен за Ренџерс да продолжи во Европа.
За разлика од Миовски, Езѓан Алиоски ќе биде дел од главната фаза од Конференциската лига. Неговиот Лугано одигра 1-1 против Макаби, резултат кој беше доволен за швајцарскиот тим да го обезбеди пласманот.