Хулијан Алварез на ум има само трансфер во Барселона, напаѓачот одбил да одговори на повикот од Микел Артета, а нe се појави ниту на утринскиот тренинг на Атлетико Мадрид.
Иднината на Хулијан Алварез и понатаму е топ тема, Барселона не се откажува од намерата да го ангажира напаѓачот, но Атлетико Мадрид и понатаму одбива да го продаде на ривал од Ла Лига.
Арсенал исто така прави обиди да стигне до потписот на Аргентинецот, но фудбалерот очигледно на ум има само преселба на „Камп Ноу“.
Во емисијата „Ел Чирингито“, Жозеп Педрерол откри дека Микел Артета се обидел да разговара со Хулијан Алварез со намера да го убеди да се пресели на „Емирати“, но играчот не одговорил на повикот.
„Ми велат дека пред некој ден Хулијан Алварез не му кренал телефон на Микел Артета. Тренерот на Арсенал му се јавил, но Хулијан не кревал бидејќи не сака да се врати во Премиерлигата“ – вели новинарот.
„Атлетико е во тешка ситуација. Не сакаат незадоволен играч во составот и им се потребни финансии за нови засилувања, но едноставно Хулијан не сака да се пресели во Премиерлигата и на ум ја има само Барселона“.
„Во Барса се надеваат дека Хил Марин на крајот ќе попушти и ќе му дозволи на Хулијан да се пресели на „Камп Ноу“, бидејќи тоа е вистинската опција која им останува“.
Во меѓувреме, Хулијан Алварез утрово не се појави на тренинг, а според извори од клубот, „играчот имал тешка ноќ и не се чувствувал добро“.
Ова се случува само неколку дена откако Хулијан Алварез беше жестоко дочекан од навивачите на „Метрополитано“, кои му свиреа и скандираа поради желбата да се пресели во Барселона.