Новата сезона во англиската Премиер лига почнува денеска во 21 часот, кога бранителот на титулата Арсенал ќе го пречека Ковентри. Со враќањето на првенствениот фудбал, сезоната носи и низа промени на правилата со кои се сака да се забрза играта, да се намали одолговлекувањето и да се прошират овластувањата на ВАР.
Сепак, Премиер лигата нема да ги преземе сите правила што се применуваа на Светското првенство ова лето. Така, играчите нема да добиваат жолти картони поради покривање на устата со рака, а нема да има ниту задолжителни паузи за освежување, какви што гледавме на Мундијалот.
Една од најважните новини се однесува на изведувањето аут и гол-аут. Доколку судијата процени дека играчот намерно одолговлекува, ќе започне одбројување од пет секунди. Ако топката не биде вратена во игра во тој рок, по аутот поседот ќе му припадне на противничкиот тим, додека за пречекорување на времето при гол-аут ќе биде досуден корнер.
Заострени се и правилата поврзани со повредите. Играчот поради кого е прекинат натпреварот ќе мора да го напушти теренот и да остане надвор една минута, наместо досегашните 30 секунди. Правилото, сепак, нема да важи во сите ситуации. Исклучок, на пример, ќе биде случај кога играчот е повреден по прекршок за кој противникот добил жолт или црвен картон.
Посебна мерка е воведена за да се спречи голманите да глумат повреди и на тој начин да му овозможат на својот тим неофицијална тактичка пауза. Доколку судијата процени дека голманот на овој начин предизвикал прекин, тренерот ќе мора да избере еден играч од својот тим кој ќе помине една минута надвор од теренот.
Ќе се забрза и процедурата при замените. Играчот ќе има најмногу десет секунди за да го напушти теренот. Доколку излегува премногу бавно, неговата замена ќе мора да почека една минута пред да влезе во игра.
Значително се прошируваат и овластувањата на ВАР. Видео-судиите за првпат ќе можат да интервенираат и при втор жолт картон доколку тој е доделен поради очигледна судиска грешка, на пример кога воопшто немало прекршок. ВАР, сепак, нема да може да препорача втор жолт картон за играч на кого главниот судија на теренот воопшто не му покажал таква опомена.
Интервенција ќе биде можна и во случај на прекршок во нападот направен пред изведувањето прекин, доколку акцијата по тој прекин заврши со гол, пенал или дисциплинска санкција.