Вардар претрпе пораз во првата дерби-пресметка против Шкендија, откако тимот од Тетово славеше со 0-2 и ги однесе трите значајни бода.
„Црвено-црните“ подобро го отворија мечот и на самиот почеток се обидоа да го загрозат противничкиот гол. Сепак, како што одминуваше времето во првиот дел, Шкендија ја презеде иницијативата, а Вардар сè потешко парираше на темпото на гостите. И покрај таквата слика на теренот, мрежите мируваа во првите 45 минути.
Во продолжението тетовци тргнаа уште поагресивно, а таквиот притисок донесе резултат во 55. минута. Нзенге направи одличен продор по левата страна и го пронајде Тамба на втората статива, на кој не му беше тешко од близина да ја затресе мрежата за 0-1.
Вардар имаше шанса брзо да се врати и да израмни, но Пиреш не ја искористи својата можност. Потоа и Криезиу се најде во изгледна ситуација да го зголеми водството на гостите, но беше непрецизен.
Сепак, Шкендија продолжи со нападите, а повторно во главна улога се најде Тамба. Во 77. минута тој доби одлично додавање во празно и со прекрасен лоб-удар го совлада Талески за 0-2.
До крајот на средбата Вардар ги немаше потребните идеи за да го измени резултатот. Шкендија успеа да постигне и трет гол преку Рафа, но тој беше поништен поради недозволена офсајд-позиција.
Тамба пропушти уште две шанси за комплетирање хет-трик, но во двата наврати Талески одлично реагираше и спречи уште поубедлив поразот за скопскиот тим.
Со овој триумф, Шкендија заминува од Скопје со сите три бода, додека за Вардар останува разочарувањето по губењето на големото дерби.