Денеска со почеток од 17 часот Вардар ќе ја пречека Шкендија во првото од четирите големи дерби натпревари меѓу овие два ривали кои ќе се играат во лигашкиот дел.
Вардарци ја имаат улогата на бранители на трофејот, а Шкендија сака да се врати на тронот од каде беше симната токму од денешниот ривал.
Вардар брзо го заврши европското лето и сега комплетно е фокусиран на домашните обврски, за разлика од Шкендија која денешниот меч го игра меѓу двата натпревари против Хибернијан од квалификациите за Конференциската лига.
И Вардар и Шкендија имаа победнички старт на новата сезона, скопскиот тим славеше над Брегалница, а тетовци беа подобри од Скопје.
Намалената лига носи дури четири меѓусебни натпревари, 12 бодови се во игра, а тоа значи дека овие пресметки на крајот може да се покажат и како пресудни за конечниот исход на табелата.
„Нѐ очекува дерби натпревар против Шкендија веќе во второто коло. Се подготвувавме добро во текот на целата недела и се надеваме дека ќе се покажеме во вистинско светло. Имаме респект за Шкендија, која има одличен тим, но ние сакаме да покажеме зошто сме шампиони“, изјави Давор Талески за официјалниот сајт на ФФМ.
Голманот на Шкендија, Ферат Рамани вели дека тимот е подготвен за победа над Вардар.
„Секогаш сме максимално подготвени и за нас секој натпревар има исто значење. На секој терен излегуваме со една единствена цел – да победиме. Без разлика кој е од спротивната страна, ги следиме замислите на шефот на стручниот штаб и на теренот го даваме последниот атом од силата. Како и секогаш, одиме само на победа, ништо друго. Екипата е подготвена. Иако чувствуваме малку замор од патувањето и силниот ритам, тоа е фудбалот – подготвени сме за секој предизвик. Утре одиме без калкулации по сите три бода“, порача Рамани преку сајтот на ФФМ.
Натпреварот почнува од 17 часот со директен пренос на Арена М1 Премиум.
Денеска се игра и мечот меѓу Скопје и Струга, исто така од 17 часот. Овој дуел ќе може да го гледате на Арена М3 Премиум.