Македонскиот напаѓач Георг Стојановски е на чекор од заминување од Спартак Варна, откако претседателот на бугарскиот клуб Алекс Илиев потврди дека се водат завршни преговори со странски клуб за негов трансфер.
Стојановски одлично ја отвори новата сезона со два гола на првите два натпревари, а во минатата постигна 10 погодоци на 29 настапи, со што го привлече интересот на повеќе клубови.
„Георг Стојановски можеби ќе го продадеме. Во овој момент водиме завршни преговори со странски клуб и тие траат подолго време. Ние ги штитиме интересите на клубот, но и ја почитуваме желбата на фудбалерот и некогаш е тешко да најдете златна средина во таквите преговори. Сепак, мислам дека сме на добар пат да биде постигнат договор од кој тој ќе биде задоволен, а и ние како клуб“, изјави Илиев.
Иако првиот човек на Спартак не откри за кој клуб станува збор, бугарските медиуми пишуваат дека македонскиот фудбалер е најблиску до трансфер во Катар.
Стојановски е внук на Ѓоко Хаџиевски, кој минатата сезона беше тренер на Спартак Варна, а вчера и официјално го напушти бугарскиот клуб.