УЕФА за денеска попладне свика итен состанок на кој треба да го даде конечниот став за контроверзниот предлог на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, за продажба на дел од организацијата на Светското првенство на приватни инвеститори.
Според планот на Инфантино, преку сестринската компанија „FIFA Forward Enterprise“ би се продал удел од 20 до 30 проценти од организацијата на Мундијалот на приватни инвеститори. Притоа, на сите 211 национални федерации кои се членки на ФИФА им биле ветени значителни финансиски средства доколку го поддржат овој предлог.
Крајниот рок за изјаснување е 19 септември, но според најавите, УЕФА уште денеска и официјално ќе го одбие предлогот.
„Дознавме дека ФИФА им поставила рок на националните федерации да ги поддржат предлозите, во спротивно понудата за еднократна исплата ќе биде повлечена. Тоа кажува сè што треба да се знае за овој план“, соопштија од УЕФА.
Денешниот состанок ќе се одржи онлајн, а една од најрадикалните опции што ќе биде разгледувана е целосен бојкот на Светското првенство, односно на турнирот да не настапи ниту една европска репрезентација.
Проблем за УЕФА претставува фактот што Чешка како нејзина членка отворено ги поддржува предлозите на Инфантино.
„Гледаме прагматични предности за чешкиот фудбал“, изјави претседателот на Фудбалската асоцијација на Чешка, Давид Трунда.
Сепак, очекувањата се дека УЕФА денеска јасно и недвосмислено ќе му каже „не“ на предлогот на Инфантино.