Европската куќа на фудбалот (УЕФА) жестоко возврати на гласините дека Светската фудбалска федерација (ФИФА) сака да продаде удел од комерзијалните права на приватни инвеститори кои би ѝ донеле околу 17,3 милијарди евра.
УЕФА смета дека предлогот е опасен за фудбалот и ги повика сите сојузи, лиги, клубови, фудбалери, навивачи… да ја осудат ФИФА.
„Ова ги преминува сите граници во фудбалот. УЕФА смета дека тој потег е навистина опасен. Душата и управувањето со фудбалот не се имот со кој може да се тргува, посебно кога не постои никаква транспарентност за тоа кој профитира финансиски. Никој од нас не е сопственик на фудбалот. ФИФА нема право на такво нешто“, посочија од УЕФА.
„Тајмс“ претходно објави дека ФИФА планира да создаде нова компанија која би управувала со комерцијалните права на Светското првенство (СП), додека приватни инвеститори би можеле да купат удел во сопственичката структура, а наводно веќе биле потпишани и прелиминирани договори.
Во планот, наводно, била вклучена и администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп, додека процесот го води инвестициската банка Џи Пи Морган.