Како што пренесува весникот Тајмс, Џани Инфантино заедно со Доналд Трамп преговара за продажба на комерцијалните права на Светското првенство, се споменува сума од 20 милијарди долари, или околу 17,3 милијарди евра.
ФИФА прави скандалозна зделка, приватни инвеститори ќе добијат дел од Светското првенство, како што пренесува Тајмс, Џани Инфантино заедно со Доналд Трамп, преговараат да го продадат најголемиот фудбалски настан.
Идејата е да се формира нова компанија која ќе ги контролира комерцијалните права на машкото и женското Светско првенство, како и Светското клупско првенство.
Светската куќа на фудбалот би останала главен сопственик, но дел од компанијата, помеѓу 20 и 30 проценти, би им бил понуден на приватни инвеститори, кој би можеле да вложат околу 20 милијарди долари, односно околу 17,3 милиони евра.
За работите да бидат уште поматни, Џошуа Кушнер, брат на зетот на Доналд Трамд, Џерард Кушнер е тој кој треба да ги носи инвеститорите во соработка со банката „Џеј Пи Морган“.
Една ваква зделка отвара многу дилеми, најголема загриженост во фудбалските кругови е дека новите инвеститори би можеле да бараат поголеми приходи преку почести Светски првенства или дополнително проширување на турнирот. Исто така, критичарите стравуваат дека комерцијалниот интерес би можел да стане поважен од спортскиот.
Дополнителна бура предизвикува информацијата дека Џани Инфантино би можел да седне на чело на новата компанија по истекот на претседателскиот мандат во ФИФА во 2031 година, односно тој да биде генерален извршен директор, или комесар (што е популарно во спортовите во САД) и да има плата од околу 55 милиони евра годишно, речиси десет пати повеќе од неговите сегашни примања.
Од таборот на УЕФА веднаш жестоко распалија: „Ова ја преминува границата која водечките тела на фудбалот никогаш не треба да ја преминат. УЕФА ова го сфаќа како исклучително сериозно. Секоја национална фудбалска федерација треба да го сфати ова сериозно. Првенствата, клубовите, играчите, навивачите и сите кои се грижат за иднината на играта треба да го сфатат ова сериозно“.
„Душата на фудбалот не е на продажба, особено кога нема никаква транспарентност околу тоа кој ќе има финансиска корист. Никој од нас не го поседува фудбалот. Не е работа на ФИФА да го продава“.