По вчерашниот пораз на Вардар од Рига свој натпревар во квалификациите за Конференциската лига денеска ќе има Шкендија која му гостува на словенечкиот Браво.
Со цел што подобро да се подготват и да се адаптираат на условите, Шкендија во Љубљана пристигна два дена пред натпреварот и одработи два тренинга на стадионот „Стожице“.
За овој натпревар тренерот Артим Положани може да смета и на новите засилувања, Марко Ѓорѓиевски и Јован Манев, но го нема голманот Бабакар Гаје и дефанзивецот Малиќи.
Позитивно за Шкендија може да биде тоа што летово тетовскиот тим се подготвуваше токму во Словенија каде што одигра и пријателски натпревари со екипите на Копер и Целје.
Кога е Браво во прашање тренерот Положани како најсилно оружје ја гледа физичката подготвеност.
„Браво е квалитетен тим, тим кој дефинитивно го има своето најсилно оружје во физичката подготвеност, тоа е тим кој игра тактички добро, тоа е тим кој игра со брзи транзиции, на кои дефинитивно мора да преземеме мерки и да одговориме со добар или одличен пристап“, изјави Положани пред дуелот.
Натпреварот е закажан за во терминот од 20:45 часот.