Натпреварот меѓу Швајцарија и Катар донесе една од првите големи контроверзии на Светското првенство, откако пеналот за Швајцарците во 14. минута предизвика бурни реакции.
Катарските фудбалери сметаа дека на акцијата што му претходеше на прекршокот имало офсајд, а дополнителни сомнежи се појавија бидејќи телевизискиот пренос не ја прикажа стандардната ВАР анимација со офсајд линиите.
По натпреварот реагираше и ФИФА, од каде објаснија дека причината била краткотраен технички проблем.
„За време на натпреварот меѓу Катар и Швајцарија имаше краток технички прекин кој спречи навремено генерирање на офсајд анимацијата пред досудениот пенал. Проблемот беше брзо отстранет, а ВАР процедурата се одвиваше нормално. Линиите што ги користеше ВАР потврдија дека немало офсајд во ниту една од двете ситуации што му претходеа на пеналот“, напишаа од ФИФА.
Иако ФИФА даде официјално објаснување, спорната ситуација остана една од најкоментираните теми во првите денови од Мундијалот.