Во пресрет на вечерашниот дуел меѓу Катар и Швајцарија на Светското првенство, кој започнува во 21 часот, во јавноста се појавија информации дека дел од катарските навивачи кои престојуваат во Сан Франциско биле известени дека учеството на организираниот навивачки марш е задолжително.
За да обезбеди масовна поддршка за националниот тим, Катарскиот фудбалски сојуз во соработка со државниот фонд „Дам“ организирал патување за околу 1.000 навивачи во Северна Америка, при што целосно ги покрил трошоците за превоз и сместување, пренесе Катарската новинска агенција.
Програмата опфатила авионски билети преку националниот авиопревозник на Катар, хотелско сместување и локален транспорт. Навивачите пристигнале во САД со три чартер-летови во периодот од 9 до 11 јуни.
За нив биле резервирани вкупно 12 хотели, пет во Сан Франциско, четири во Ванкувер и три во Сиетл. На трибините ќе им се придружат и катарски студенти кои живеат во САД и Канада, а кои биле поканети на натпреварите во координација со дипломатските мисии на Катар во двете земји.
