Азиската селекција го започна Светското првенство со триумф, откако со одлична игра во второто полувреме ја совлада Чешка со 2-1.
Иако момците од Јужна Кореја мораа да бркаат негатива, тие целосно ја заслужија победата и трите бода бидејќи беа далеку подобар ривал на теренот. Уште во првите 45 минути редеа шанси пред чешкиот гол во обид да стигнат до водство, а најопасен беше Сон кој ја пропушти најдобрата прилика.
Непишаното фудбалско правило за казна по неискористени шанси се оствари во 59. минута. Цоуфал одлично нафрли, а Крејчи со прецизен удар со глава им донесе предност на Чесите од 1-0.
Сепак, радоста на европскиот претставник траеше многу кратко. По нецели десет минути, поточно во 67. минута, Хванг Ин-Беом изведе мајсторски лоб-удар и ги врати работите на почеток (1-1).
Вистинската драма допрва следеше. Во 77. минута Чесите мислеа дека повторно водат откако Соучек биеше прецизно со глава, но погодокот му беше поништен поради недозволена позиција (офсајд).
Радост веќе во следната акција, но за Јужнокорејците. Нововлезениот резервист Хион Гуи одлично се снајде и ја затресе мрежата за целосен пресврт од 2-1, поставувајќи го и конечниот резултат на овој возбудлив дуел.
Со овој натпревар е ставен крај на првата рунда во групата А, каде Мексико и Јужна Кореја се на врвот со по три бода. Во второто коло нè очекува дерби токму помеѓу овие две победнички селекции, додека Чешка и Јужна Африка ќе ги бараат првите бодови во меѓусебна пресметка.