Баерн Минхен е на чекор до ново засилување, откако мароканскиот репрезентативец Исмаел Саибари ги договорил личните услови со германскиот шампион.
Според информациите на Фабрицио Романо, останува уште Баерн и ПСВ Ајндховен да ја договорат висината на обештетувањето. Преговорите меѓу двата клуба веќе се во тек, а Саибари наводно побарал трансфер и јасно ја изразил желбата кариерата да ја продолжи во Бундеслигата. Мароканецот веќе разговарал и со тренерот на Баерн, Винсент Компани, кој му ја претставил улогата што ја има замислено за него во новиот тим.
Холандските медиуми откриваат дека првата понуда на Баерн ќе изнесува околу 48 милиони евра со вклучени бонуси. Во ПСВ засега не брзаат со одговор, но очекувањата се дека договорот ќе биде постигнат во наредниот период.
Саибари сака трансферот да биде комплетиран пред стартот на Светското првенство за целосно да се фокусира на настапите со Мароко. Зад себе има одлична етапа во ПСВ, каде што во изминатите четири сезони одигра 142 натпревари, постигна 42 голови и запиша 29 асистенции.